
„Светот треба да признае дека Русија се претвори во терористичка држава“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски, по разговорот со главниот обвинител на Меѓународниот суд за воени злосторства Карим Кан, кој веќе е во Украина и започнал истрага по пријавите за убивање цивили.
„Патувавме низ Полска и кога дојдовме и видовме што се случува, документиравме, а исто така и видовме фотографии од Мариупол и други места во Украина за тоа како луѓето страдаат, како страдаат децата, жените, мажите. Законите постојат за да ги заштитат овие луѓе“, рече Карим Кан – главен обвинител на Меѓународен суд за воени злосторства.
Американскиот претседател Џо Бајден, го нарече Путин „воен злосторник“, а од Кремљ велат дека ваквата изјава е неприфатлива и непростлива.
„Сметам дека тој е воен злосторник“, рече Бајден.
Денеска и британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, за радио Би-Би-Си, кажа дека постојат многу силни докази кои покажуваат дека Путин е воен злосторник.
Во меѓувреме стана јасно дека Русија нема да ја почитува наредбата на Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации за прекин на воените дејствија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека одлуката на Судот нема воопшто да биде земена предвид.
„Во Меѓународниот суд постои правило за согласност на странките. Тука согласност немаше и затоа на оваа одлука нема да и дадеме значење“, ерче Песков.
Вчера рускиот правен тим реши да не присуствува во судницата, каде на Русија и беше наредено да ја запре воената операција, како привремена мерка додека се донесе пресуда. Наредбата беше усвоена со 13 гласови „за“ и два „против“, на рускиот и кинескиот судија.
„Судот повторува дека неговите наредби за привремени мерки, согласно Статутот, се од обврзувачки карактер и на тој начин создаваат меѓународно-правни обврски за страната кон која се упатени привремените мерки“, рече судијката Џоан Донахју.
Додека Москва ја става под прашалник надлежноста на судот во Хаг по овој предмет, украинскиот претседател Зеленски ја поздрави наредбата, велејќи дека нејзиното неспроведување дополнително ќе ја изолира Русија.
Лука Андреев