Го оставиле без работа во „Пелагонија“, демолирал со чекан, па подметнал пожар

Не му бил продолжен договорот за работа во студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода. Влегол кај директорот, ја демолирал канцеларијата со чекан, а потоа ја запалил. Настанот се случил утринава околу 10:30 часот. Пожарот бил изгаснат, нема повредени, а домот функционира без проблеми. Од полицијата велат дека се работи за лице со иницијали Н.Ј. кои заедно со уште еден ја запалиле канцеларијата.
„Во СВР Скопје, лицето со иницијали А.Ф. (36) вработен како директор во студентскиот дом во Кисела Вода, Скопје, пријавило дека по вербална расправија, поранешниот вработен Н.Ј. заедно со уште едно лице, фрлиле запалива течност, по што настанал пожар. Повредени нема, додека пожарот бил изгаснат од скопската противпожарна единица.Полицијата излегла на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Студентите велат дека ваквите инциденти предизвикуваат несигурност кај нив.
„Доаѓав од настава и видов дека избувнал пожар, тука имаше полиција и видов дека надвор се средуваат столчињата бидејќи и учениците не се чувствуваат безбедно. Потоа нè застанаа пред вратата и нè пуштија да излеземе… Не можам да кажам со сигурност дека се чувствуваме безбедно, не е вина на управата или персоналот, вината е на државата затоа што не ги организираат студентите како што треба“, вели еден студент.
Во овој дом живеат околу 1.000 студенти од сите градови на државата и според внатрешни извори по долго време за првпат се пополнети речиси сите капацитети. Од вкупно 999 легла, пополнети се 997.
Ајнур Бафќари