Годинава нема да има групно помилување на осуденици

Adrian Kerimi
Оваа година нема да има групно помилување на осуденици. Ден по повлекувањето на спорното барање, Министерството за правда соопшти дека целосно ја повлекува листата за помилување. Од оваа институција велат дека одлуката е донесена за да се зајакнеле критериумите и филтрите за условите кои треба да се исполнат за помилување. Се подготвува и ново законско решение кое ќе го опфати условот случаите кои предизвикуваат сомнеж за евентуална пристрасност на судскиот систем, да не можат да бидат дел од помилувањата.
„По консултација со Управата за извршување на санкции, Министерството за правда одлучи оваа година да не проследи предлог за новогодишни групни помилувања, односно листата целосно се поништува. Ова се прави со цел да се даде време најнапред да се допрецизираат критериумите и законски да се зајакнат филтрите во однос на тоа како се составуваат листите со предлози на лица кој треба да бидат помилувани.“
Но, претседателот Стево Пендаровски вели дека ако има барања за помилување, тие треба да бидат процесирани. Тоа сепак не значи дека сите по секоја цена ќе бидат прифатени. На прашањето дали би ги помилувал Бобан Илиќ, Александар Василевски и Сеад Кочани, шефот на државата рече дека никогаш нема да помилува луѓе кои сториле тешки кривични дела.
Законот за помилување ги дефинира случаите кога барањето за помилување може да се прекине.
„Судот, односно Министерството за правда може да ја прекине постапката за помилување доколку осуденото лице го повлече барањето за помилување, ако ја довршило казната, доколку има одлука судот за вонреден правен лек или осуденото лице починало во периодот на помилување“.
Алсат минатата недела ексклузивно јави за барањето на министерот за правда, Бојан Маричиќ, до претседателот и до Комисијата за помилување. Иако Министерството за правда демантираше дека го добило списокот на кој се имињата на Кочан, Илиќ и Василевски (Нинџа), Алсат го објави целосното барање на Правда во кое се појавуваат токму овие имиња. Вчера, по реакциите во јавноста, Маричиќ го повлече материјалот, официјално за да го преиспитал. Групното помилување на претседателот се врши двапати годишно, а според Законот за помилување, секој затвореник го ужива правото да биде помилуван посебно од групното помилување, освен осудените за убиство, тероризам, силување, трговија со дрога и лица осудени од Меѓународниот суд за човекови права и слободи.