„Ѓока констракшн“ нема да ги гради гаражите на паркингот кај Клинички

„Ѓока констракшн“ од Албанија нема да ги гради гаражите и нема да стопанисува со паркингот кај Клиниката „Мајка Тереза“. Ова се должи на бројните реакции во јавноста. Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека сега се разгледуваат уште две опции за изградба на катни гаражи.
„Видов ненормална реакција од луѓето за катните гаражи на Клиничкиот центар и денеска му се јавив на директорот на градскиот паркинг да му понудам да управува со паркингот кај Клиничкиот центар и да изгради катни гаражи… Втората опција што ја разгледуваме за паркинзите е општите служби на Клиничкиот центар да менаџира со паркингот, за 2-3 години и да градат катна гаража“, рече Таравари.
Од СДСМ велат дека со прикривањето документи од страна на Таравари се потврдиле нивните сомнежи. За ова бараат истрага од Антикорупциска и Јавно обвинителство.
Во огласот од 15 ноември пријавена беше само фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија. Доколку фирмата од Албанија го добие тендерот, граѓаните ќе треба да платат 50 денари за еден час паркирање, наместо 30 денари како до сега. Во моментов, скопскиот Клинички центар располага со 800 паркинг места, а потребни се минимум дополнителни 800 паркинг места.
Линда Ебиби