Голем аеромитинг по повод 100 години од раѓањето на македонската авијација

Утре на спортскиот аеродром Стенковец, кај Скопје ќе се одбележат 100 години од основањето на Аероклуб Скопје, што всушност претставува и раѓање на македонската авијација.
За ова уникатно доживување подготвена е богата програма во која ќе учествуваат повеќе од 30 различни воздухоплови од земјава и од странство, како и падобранци од нашата земја и пријатели на клубот од целиот регион.
Аеродромските врати ќе бидат отворени во 9 часот за посетителите, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме досега во воздух, а едриличарите ќе изведат акробации од кои застанува здив. Во програмата се предвидени и акробатски летови, а ќе учествуваат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување, владиниот авион Лирџет 60, полициските хеликоптери Bell, и хеликоптерот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.