ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Голем одрон на карпи предизвика штети во струшкото село Радожда

Жителите на струшкото туристичко село Радожда се во шок откако огромен одрон на карпи се урна врз дел од објектите. Штети има, но за среќа нема повредени. Од поголема катастрофа куќите ги спасиле селските плевни во кои се удриле огромните карпи. Жителите денеска сведочат дека над нивните глави сè уште се слуша крцкање на камења, а има и отворени процепи.

 „Уште вечерта се слушаше како крцкање на карпите. И утрото околу 7 часот пред да одат децата на училиште се случи оваа работа. Сè уште сме во шок….“

„…До вчера воопшто немав гајле, животот си течеше добро. Но, сега секоја минута очекувам дека ќе загинеме, дека ќе нè потопи каменот“.

А, половина Радожда се наоѓа токму под сенките на овие големи карпи. Жителите не паметат толку голем одрон.

„…Бараме од надлежните да видат што понатаму, колку е безбедно за живеење. Местото ни е туристичко, немаме намера да се селиме“.

„Треба да дојдат геолози овде да се испита, бидејќи не е безбедно за живеење повеќе…“

Експерти кои ги консултиравме велат дека поради направените расцепи во масивната карпа, не треба да се исклучи можноста одроните да продолжат. Поради тоа треба да се анализира дали е најдобро во овој момент дел од населението да се евакуира. Денеска во инспекција дојдоа претставници од општина Струга, по чии анализи ќе се утврди што ќе се преземе.

Miki Trajkoski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button