Голем пожар кај Крива Паланка, градоначалникот бара помош

Голем пожар избувна во близина на населеното место Лозаново, Општина Крива Паланка, а градот се соочува со една од најголемите огнени стихии во последните неколку години, информира градоначалникот Сашко Митовски во видеообраќање преку својот фејсбук-профил.
Митовски во видеото апелира на смиреност кај населението и вели дека е потребно вклучување на државна помош.
„Пожарот е на локација на населено место Лозаново и од она што можам да го заклучам градот се наоѓа под најголема огнена стихија во последните неколку години. Апелирам и алармирам за смиреност во оваа состојба, но истовремено апелирам за помош од сите соседни општини и државна помош вклучувајќи ја целата државна механизација што е на располагање“, вели Митовски.
Тој додава дека постои опасност за населеното место Лозаново и за домовите на жителите.
Според информациите што ги пренесува МИА, во населбата Лозаново и село Градец во Крива Паланка, избувнати се три шумски пожари кои поради силниот ветер се шират и се приближуваат кон домовите на граѓаните.