
Голем пожар беснее во близина на градот Струмица, кој се наближува до месноста Софилари. Мобилизирани се сите пожарникари од Струмица кои се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат тој да стигне до куќите и другите објекти.
Напомош пристигнуваат и пожарникари од други градови. Мобилизирана е и струмичката полиција.
Директорот на Центар за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов објасни дека пожарот е настанат на стрниште, но дека силниот ветер го отежнува и го оневозможува гаснењето.
– На терен се екипите на ТППЕ Струмица, Радовиш, Валандово и на Богданци. На терен е и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. Јас во моментов сум на пат кон Струмица – изјави Ангелов.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот почнал да се шири и кон патот Струмица-Радовиш, во правец на селото Василево.