Голема измама со ортопедски помагала, поднесена и кривична пријава

Финансиската полиција денеска соопшти дека И.Т., со намера да оствари противправна имотна корист за себе и за компанијата, дала лажна изјава заверена на нотар. Во изјавата се наведувало дека ортопедското помагало „Ортоза за колк со зглоб“, кое компанијата го набавувала и фактурирала кон Фондот за здравствено осигурување, одговара на помагалото „Надколен пластичен апарат со зглоб во колено и скочен зглоб“, утврдено во официјалниот список на ортопедски средства под шифра 2105.
Меѓутоа, според полицијата, пријавената била свесна дека таквото помагало не соодветствува на медицинските индикации и дијагнози утврдени во листата.
„Со оваа постапка, пријавената го измамила и довела во заблуда Фондот за здравствено осигурување да склучи договор за издавање на ортопедски и други помагала за периодот од 01.01.2014 до 31.12.2016 година“, се наведува во соопштението на Управата за финансиска полиција.
Во текот на трите години, компанијата извршила набавка и испорака на вкупно 171 несоодветно помагало под називот „Ортоза за колк со зглоб“, кои биле фактурирани кон Фондот како „Надколен пластичен апарат со зглоб во колено и скочен зглоб“.