Големите пекарници бојкотираат, малите печалат

И покрај бојкотот на четирите најголеми производители на леб во главниот град, веќе два дена никој не остана без леб. Нив ги заменија помалите пекарници, не само во Скопје туку и во секое друго населено место. Граѓаните чувствуваат олеснување со намалувањето на цената на главниот производ на нивните трпези. Дел од нив велат дека оваа мерка е задоцнета и треба да се замрзнат цените и на другите основни производи бидејќи неправедно им ги празнат домашните буџети, а приватни компании се богатат.
„Добро е за лебот, но други производи сè уште се многу скапи. Како да не ни се скапи кога никој не работи. Никој не сака да работи земјоделство, тоа е главниот проблем“, велат граѓаните.
Малите производители од скопските населби велат дека нивната работа е зголемена и немаат намера да станат жртви на повиците на, како што велат, одредени профитери за бојкот. Појаснуваат дека брашното на берзата паднала за 9 денари од килограм, односно за 9 илјади денари по тон, па дури и без субвенционирана струја велат дека имаат доволно профит. И другите намалени трошоци се во нивна корист.
Додека големите компании од пекарската индустрија продолжуваат со бојкотот и не производуваат и снабдуваат со пекарски производи, во Скопје малите пекари работат нормално и продаваат леб по замрзнатата цена. Велат дека се задоволни од профитот бидејќи на берза е намалена цената на брашното, струјата и други состојки кои се неопходни за производство.
Со стапување во сила на мерката за замрзната цена на белиот и полубелиот леб на 33 денари за векни до 450 гр. на терен се активираа трите надзорни тела. Пазарниот инспекторат, трудовиот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство. Мобилизираа 250 инспектори за проверка на трговците на мало. Велат дека досега немало никакви прекршоци.
„Државниот пазарен инспекторат вчера изврши 190 проверки, а ноќе 30 вонредни проверки низ државата. Според податоците на терен, не е констатирана повреда, имено сите продажни места го почитувале замрзнувањето на цената за двата производа“, велат од ДПИ.
Надлежните велат дека во Скопје работат четири „олигарски“ компании кои одбиваат да произведуваат или да ги снабдуваат малите трговци со леб револтирани од одлуката на Владата.
„Го истражуваме пазарот и работата на трговците и врз основа на тоа носиме одредени одлуки и евентуални санкции. Производителите во овој случај не го нарушуваат пазарот со престанокот на работа. Не се работи за нарушување на конкуренцијата, туку за недостиг на производство. Процениле дека по тие цени не можат да произведуваат и оваа состојба не спаѓа во нашите надлежности“, рекоа од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Од пекарскиот сектор при Стопанската комора не сакаат да коментираат, но ја пренесуваат пораката дека нема да произведуваат никаков производ додека трае владината мерка. Некои од нив имаат договори со училишта и градинки, но тврдат дека нив не ги бојкотираат. Сепак, во моментот кога ќе им заврши договорот, надлежните велат дека ќе ги преиспитаат договорите со најсериозните добавувачи откако, како што велат, презедоа нехумана и асоцијална мерка во оваа економска криза.
Аднан Ќаили