
Голманот на Њукасл, Ник Поуп, се очекува да биде надвор од терените во период од четири до пет месеци, пренесуваат медиумите на Островот. 31-годишниот Поуп заработи тешка повреда на левото рамо на крајот од саботната победа против Манчестер Јунајтед со 1-0 во 14. коло од Премиер – лигата.
Тој не можеше да го заврши натпреварот и беше заменет во 86. минута, а најверојатно ќе биде подложен на детално скенирање во вторник за да се утврди колку е сериозна повредата. Од Њукасл засега не исклучуваат и операција како опција.
Од почетокот на сезоната, Ник Поуп беше незаменлив на голот на Њукасл, почнувајќи од секој натпревар во Премиер – лигата, Лигата на шампионите и еден во Лига Купот. За „чавките“ има 20 настапи и 19 примени голови од почетокот на сезоната, како и осум меча без примен гол.