
Техничкиот директор на младинските национални селекции во ФФМ, Ѓорѓи Христов денеска на брифинг со македонските медиуми информираше за досегашните активности околу развојот на младинските селекции како и визиите за иднината на еден од најважните сегменти во работата на федерацијата.
Откако соопшти дека во работата со младинските селекции се вклучуваат и поранешните македонски репрезентативци Артим Шаќири и Саше Милошевски кои се именувани за нови координатори на младински селекции, Христов нагласи дека младите национални тимови последниве години не се на посакуваното ниво.
„Сите ние сме сервис за еден ден што повеќе деца да дојдат во А репрезентација. За жал последните години немаме квалитетни млади репрезентации, а тоа најдобро го знае и чувствува селекторот на сениорите Боби Милевски. Не знам навистина колку играчи по таа генерација во 2017 година од младите селекции играат денеска во репрезентација. Верувам дека на една рака може да се избројат,“ истакна Христов.
Христов зборуваше и за притисоците кои се трпеле и се трпат од разно-разни високи позиции околу изборот на деца во младите селекции. Нешто кое мора да се искорени…
„Во минатото сите што биле селектори трпеле големи притисоци и тортури за тоа кој да игра. Од највисокиот врв. Во иднина, било кој во националните тимови ќе има притисок и од било кого, селекторите се должни да го пријават а јас лично ќе го кажам пред цела јавност,“ рече Христов.
Наскоро ќе биде формирана и скаутинг служба во ФФМ.
„Во фаза е да формираме скаутинг служба и во Македонија, но и надвор. Фокусот ќе биде селектирање на деца од Македонија. Овие три месеци по десет пораки добивам, со постојани информации дека сме имале ширум светот потенцијални деца кои сакаат да играат за репрезентациите. Дете што е од надвор, условно кажано странец, треба да биде двапати подобро од децата тука за да игра. Нема да дозволам репрезентацијата да биде за билдање на рејтинг во средината од која доаѓа“ – вели Христов, осврнувајќи се и на Академија на ФФМ за која се размислува да биде затворена.
„Академијата да функционираше добро немаше ние сега да селектираме 150 деца. Има многу работи кои сметам дека се добри, но повеќе работи укажуваат на тоа таа да не продолжи со работа. А, да продолжи треба да се реорганизира. Не ми е јасно како може во девет години никогаш да не била во натпреварувачки систем. За каква академија тогаш правиме муабет. За девет години ниту едно дете не било избркано а се правеле милион глупости. Пред три недели избркавме три деца поради недисциплина. Ми велеа ќе имаш притисок, но ете никој не ми се јави бидејќи знаат зошто се избркани. За девет години во Академијата се потрошени 4 милиони евра“ – вели Христов.