Ѓоргиев: Придавката „македонски“ останува во записниците на Мешовитата комисија

Придавката македонски била и ќе биде во записниците од работата на Мешовитата комисија со Бугарија, уверува професор Драги Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим историчари во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Тој во изјава за Канал 5 појаснува дека напредокот што е постигнат на вчерашната средба на никаков начин не ја засега употребата на придавката македонски за именувањето на народот, јазикот и историјата, како што објавија некои медиуми.
Напредокот што е постигнат, вели Ѓоргиев, се однесува на техничко ниво, односно за да нема блокада во работата, договорено е во записниците дословно да се цитирааат дискусиите на двете страни, со оглед дека и двете страни остануваат на своите позиции околу придавката.
– Дискусиите ќе се цитраат точно онака како што ги кажале дискутантите. При тоа мора да кажеме дека придавката македонски беше во употреба и пред тоа и сега е во употреба. Само во одредени ситуации тие инсистираат таа придавка согласно со Преспанскиот договор и согласно со договорот што го има меѓу Македонија и Бугарија за јазикот, тука да се применува тој договор. И не станува збор за апсолутно целосно не употреба на придавката македонски . Во историски концепт таа придавка ќе се употребува, македонски народ, македонска нација,.. Значи на технички начин сите дискусии и нивните и нашите ќе бидат целосно пренесени во записникот, истакна меѓу другото професор Ѓоргиев.