Град Скопје ќе објави нов оглас за приватните превозници

Град Скопје, ќе објави нови повици за враќање на работа на приватните превозници. Од Градот не даваат многу детали, но велат дека повикот е усогласен со новото координативно тело на приватните превозници.
„Во наредните денови ќе биде објавен нов јавен повик, составен во соработка со новото координативно тело на превозници. Градот Скопје, нема никаков долг кон приватните превозници, додека ЈСП Скопје ќе ги плати следните барања согласно динамиката утврдена во склучените договори“, велат од Град Скопје.
Приватните превозници велат дека наскоро очекуваат нова средба со претставниците на Град Скопје. Се надеваат на брзо враќање на работа.
„Очекуваме средба во текот на неделата, и се надеваме дека ќе има решение што е можно поскоро… Да, точно е дека и ние сме во незавидна состојба, исто така граѓаните чекаат на станиците, немаат соодветен превоз како што треба. Се надеваме дека за кратко време ќе можеме да се вратиме на улиците на Град Скопје“, рече Хисен Алили, приватен превозник.
До конечниот договор продолжува хаосот и долгото чекање на граѓаните на автобуските станици во главниот град.
„Бога ми некогаш чекам и половина час, нема… Не одат по распоред, туку, возат како сакаат“.
„По половина час, 40 минути. не се баш на време… имаме забелешки, ама не не слушаат нас.
„Се чека многу подолго, но овој циркус може да биде само овде во Македонија… како нема хаос, од кога се повлекоа приватните автобуси, гужва има колку сакаш“, реагираат граѓаните.
Градоначалничката на Град Скопје, пред околу три недели за прв пат ги прими на средба приватните превозници. По средбата превозниците рекоа дека Градот им понудил можност да го решат проблемот со нив, со што е предвидено ЈСП постепено да го плаќа преостанатиот долг, а да се најде најбрз начин за враќање на работа на приватните автобуси.
Мефаил Исмаили