Градат замоци со септички јами, струшко Радолишта без канализација

Модерни и убави куќи скапи стотици илјади евра, но со септички јами. Во едно од најголемите села во струшкиот крај, Радолишта, со нешто повеќе од 5.000 жители, во поголем дел од маалата сè уште нема канализациона мрежа. Иако главниот цевковод на колекторскиот систем за прочистување на отпадната вода е на само три километри оддалеченост, проблемот со одводните фекални води не е решен. Ниту онаму каде што има канализација, речиси не е ништо поразлично.
„… Изградената канализација не е поставена на соодветна длабочина за да има добар одвод на фекалиите. Има и места поради лош одвод, се преполнува и избива на површина над шахтите“, вели Џевдет Даути, претседател на месна заедница во Радолишта.
„Не се живее со фекалии, на пример два дела од селото или половината имаат канализација, другите два дела немаат. Голем проблем се јамите кои ги имаме…“, рече Арун Колоња- жител на Радолишта.
Многу од селаните се жалат дека секојдневно газат во фекалиите од септичките јами и стравуваат од зарази.
„Секој месец, месец и половина доаѓаат цистерни и ја чистат јамата. На овој потег од овде до џамијата има 300 куќи коишто се на јами…“, рече Илир Ајро-жител на Радолишта.
„Сто и педесет евра, одвојувам за чистење на јамите. За четири пати чистење со трактор и паркот гледате е полн, јамата тече. Проблем е. Секоја година ми требаат 500-600 евра да ги исчистам јамите. Кој е близу каналот, ги пушта фекалиите од вецињата во каналот, каде доаѓа чиста вода од резервоарот во Шум“, додава Фљамур Ајро-жител.
Жителите велат дека локалната власт не се интересира за нив, освен пред избори кога партиите ветуваат сè и сешто, а потоа ништо не се исполнува. Затоа барале помош и од печалбарите.
„Во 21 век да се биде во ваква состојба и услови, но благодарение на соработката која ја имаше здружението на печалбари и придонесот кој го дадоа за селото, помогнаа да се реализираат некои проекти..“, рече Зулбеар Даути печалбар во Швајцарија.
Со недостиг на канализација не се соочува само Радолишта. На потегот од селото Радожда, па сè до Струга со канализација е опфатени само 15 до 20% од домаќинствата.
Мики Трајковски