
Газдите на градежните фирми од Владата бараат да работат во недела. Измените на Законот за работни односи со кои на вработените од градежништвото им се овозможува да бидат слободни во недела, не им се допаѓаат на бизнисмените. Од Здружението на градежници велат дека нивните проекти се врзани со рокови и доколку работниците не работат во неделите, изведбата на градежните работи ќе доцни, а поради тоа ќе треба да плаќаат пенали.
„Ова законско решение сериозно ќе го погоди градежниот сектор, ќе влијае на организационите услови во кои работат градежните фирми, ќе влијае и на приходот и на трошоците кои ги имаат градежните фирми“, рече Адреја Јосифовски, претседател на здружението на градежници.
Министерот за транспорт и врски под чија надлежност е и градежниот сектор, вели дека ќе прифати средба со градежниците и уште еднаш ќе ги слушне и разгледа барањата за изземање на оваа дејност од новите правила за работа во недела. Бочварски не кажа дали тоа што градежниците нема да работат во неделите негативо ќе се одрази врз реализацијата на капиталните проекти, но потенцираше дека со добра организација работите ќе може да се одвиваат без проблеми.
„Сметам дека во секој Закон и во секој дел од општеството треба да најдеме одреден баланс кој ќе биде сигурност и за во овој случај градежниот сектор но и за работничките права. Од тој аспект, Законот кој беше донесен од страна на труд и социјала е сериозно издискутиран во јавноста и сметам дека е едно добро решение за покачување на нивото на работничките права“, рече Бочварски.
Според информациите од законското решение 92 отсто од вработените во приватниот сектор ќе добијат загарантиран слободен ден во неделите. Останатите осум отсто се вработени во индустрии во кои не може, ниту смее да се стопира работниот процес. Законот стапува на сила од први јаниари 2022 година.
Иле Петревски