Градоначалничката Данела Арсовска бара оставка од Трајко Славевски

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, нема комуникација со ниту една советничка група, вели претседавачот на Советот, Трајко Славевски. Тој упати јавен повик за соработка меѓу советниците, бидејќи, како што рече, ниту една партија не се согласува со блокирањето на работата на градот. Тој побара соработка за одобрување на буџетот за 2023 година.
Од кабинетот на Арсовска пак, бараат оставка од Славевски. Од таму соопштуваат дека доставиле поднесок до надлежните институции за наводни деловнички прекршувања.
„Против претседавачот на Советот на град Скопје Трајко Славевски е поднесена итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа поради тешки прекршувања на Законот и Деловникот на град Скопје“, наведуваат од Град Скопје.
По извршениот увид во салата на Советот на Град Скопје, од полицијата потенцираа дека нема елементи за кривично дело.
„Во врска со настанот извршен е разговор со уште две лица, по што е утврдено дека нема елементи на кривично дело“, наведуваат од МВР.
Координаторот на советничката група на СДСМ ја обвинува ВМРО за хаос, партизација, тепачки за тендери и расфрлање со парите на граѓаните при управувањето со локалната власт. Вербалните пресметки меѓу Арсовска и Славевски на вчерашната седница на градскиот Совет почнаа со одземање на микрофонот од говорницата од страна на Славевски, кој потоа беше обвинет за кражба. Проблемите меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ почнаа по отпуштањата на кадрите на оваа партија од јавните претпријатија во Градот. Инаку, Арсовска стана градоначалник благодарение на поддршката што ѝ ја даде партијата на Мицкоски.
Ајнур Бафќари