
Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, најави дека ќе ѝ врати 30 милиони куни (околу 4 милиони евра) помош на државата затоа што смета дека критериумите за распределување на парите не биле нивото на штета од земјотресот и бројот на луѓе за кои треба да се згрижат, туку политичката припадност, наведува „Јутарњи лист“.
„Ако владата сака да им помогне на луѓето од Петриња, нека ни испратат помош директно, врз основа на експертска проценка“, изјавил Думбовиќ.
Потоа објасни зошто верува дека критериумите за дистрибуција на помошта се политички.
„Политичката сила и мускулите се чувствуваат на секој чекор. Помош им се дистрибуира и на оние на кои им треба и оние на кои не им треба. Петриња има 24.000 жители, а Глина нема повеќе од 2.000, а со околните села 9.000. Ако од 100 милиони куни дадете 30 милиони на Петриња, а 25 милиони на Глина, тогаш некој треба да ми објасни според кој критериум се поделени, ако не според политичкиот“, рекол Думбовиќ.
Да потсетиме, во земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, кој во вторникот најсилно ја погоди областа Петриња, загинаа седум лица, а над 20 се повредени.