ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Градоначалници стануваат пратеници или идни министри, каде би можело да има предвремени локални избори

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, одлучи да се повлече од градоначалничката функција во Сарај и да ѝ се посвети на пратеничката работа како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ поради што во оваа општина ќе треба да се одржат предвремени локални избори. На Беџети вчера му беше верификуван пратеничкиот мандат во Собранието, по што, на својот Фејсбук профил ги извести жителите на Сарај дека ќе биде нивниот глас во парламентот.

Advertisements

Од редот на градоначалниците, за пратеник во новиот парламентарен состав беше избран и Билал Касами од Тетово.

Претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, до Собранието достави изјава дека се откажува од пратеничкиот мандат и побара истиот да не му биде верифициран, односно, тој одлучи да остане да ја извршува градоначалничката функција.

Името на градоначалникот на Гостивар, пак, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, се погласно се спомнува како иден министер за здравство. Прашан за тоа дали ќе биде министер, Таравари вчера на Канал 5 телевизија рече дека во следните неколку денови ќе одлучи дали ќе ја прифати оваа функција. Доколку Таравари прифати да биде министер, предвремени локални избори ќе се одржат и во Гостивар.

Покрај на Таравари, и името на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски се поврзува со извршната власт, односно тој се спомнува како можен иден министер. Доколку Муцунски стане министер, и Аеродром ќе остане без градоначалник по што предвремени локлани избори ќе треба да се одржат и во оваа општина.

Според Изборниот законик, функцијата пратеник или министер е неспојлива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и градот Скопје.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button