ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Граѓани: Недозволиво е да нема серум во летна сезона

Граѓани: Недозволиво е да нема серум во летна сезона

Среде лето болницата во Охрид остана без серум, односно противотров за змии, кој се дава на пациенти каснати од змија. Последниот случај, кога холандски државјанин, кој бил каснат од змија морал итно да биде пренесен во Дебар за да прими серум, предизвика револт кај охриѓани. Велат срамота е за најголемиот туристички центар макар и еден ден да остане без лек кој спасува животи.

„Не е дозволиво.Тоа е штета.За државата и градот не е добро. Нема да доѓаат други туристи„ изјави еден граѓанин.

„ Јас сум ловџија, шетам по природа и во ранец постојано имам серум.Ако јас сум можел приватно да си чувам серум, треба и една здравствена установа треба да го има“, нагласи друг граѓанин.

„Јас живеам во Германија, вакво нешто немам слушнато досега. Се е обезбедено. Тоа е срамота. Тие треба да си имаат резерва за такви работи“, рече еден граѓанин.

„Не ми е многу чудно.Нашава земја е таква да се случуваат некои работи. Би требало да има.Треба ли некој да сноси одговорност? Треба некој, но што ние да правиме“, изјави еден граѓанин.

Холандскиот турист го каснала змија додека се шетал кај Самоиловата тврдина. Лекарите велат дека доколку за три до четири часа не се даде овој лек, може да настане и смрт. А кој треба да ги набави ваквите вакцини, болницата во Охрид и министерството за здравство си ја префрлаат топката.

„Вакцини и серуми за заштита и лекување на пациенти или за заштита на свои вработени лица ги обезбедуваат јавните здравствени установи, преку распишување на постапка за јавни набавки од сопствените буџети. Дополнително здравство набавува минимум потребни резервни количини на серум против змиски отров“, велат од Министерство за здравство.

„Со оглед на тоа што процедурите за одобрение за испорака на серумите не се во наша надлежност истите се испорачани и доставени вчера. Во последниот месец сме дале три серуми од кои последниот беше даден пред три дена. Веднаш се направи договор со околните болници кои имаа преостанат серум, во случај на итност да се згрижи пациенти. Од тие причини пациентот од Холандија беше упатен во најблиската болница и навремено згрижен“, нагласуваат од Општа болница Охрид.

Од здравство пак велат дека во текот на вчерашниот ден била извршена испорака на ваков серум во сите здравствени домови во Македонија.

На телефонскиот број за итни случаи 112 има се повеќе повици за присуство на змии и во објекти во населени места.

Мики Трајковски

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button