Граѓаните: Ќе добиеме колера – делови на Скопје и понатаму со смет

Одредени делови од Скопје и денеска се покриени со ѓубре. Покрај преполните контејнери, отпадот веќе неколку дена се истура и на тротоарите, па дури и на коловозите блокирајќи ја едната лента за сообраќај. Граѓаните се револтирани од хаосот. Поради лошата реа некои морале дури и привремено да ги напуштат домовите.
„Се отрувме. Сред лето треба да затворам, не знам што ќе стане со нас. Сироти ние, ќе добиеме колера. Отидовме во Косово на свеж воздух…“
„Државата е крива, а не народот. Државата само гледа да си го наполни џебот и стомакот и не размислува за сиромашните. Ако остане недела или две, ова ќе стане отров“, реагираат граѓаните.
Граѓаните велат дека споровите во Комунална хигиена не треба да ги засегаат нив и да се плашат за здравјето.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, очекува вечерва да се исчисти целата општина. Побара од Комунална хигиена да направи измени во распоредот за Чаир да не остане последен кога е во прашање собирањето на сметот.
„Има многу поплаки зошто сме последни, после 23 часот почнува да се чисти во Чаир, но претпријатието така го направи распоредот. Тука треба да направиме ротација за да не бидеме секогаш последни“, вели Ганиу.
Поради протест на вработените во Комуналец, сметот во Скопје не беше собран три дена.
Мелихате Рустеми