Граѓаните ќе можат да добијат уверение за државјанство на е-маил и мобилен телефон

Започнуваме со процесот на дигиталната трансформација на услугите за граѓаните во однос на издавање на уверение за државјанство на Република Северна Македонија во електронска форма. Притоа, граѓаните на Република Северна Македонија можат да добијат уверение за државјанство во електронска форма на е-маил адреса и мобилен телефон, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– За таа цел, како МВР донесовме Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на водење евиденција за државјаните на Република Северна Македонија и за обрасците што се применуваат односно издаваат. Притоа, работни тимови од Одделот за информатика и телекомуникации и Одделот за граѓански работи во соработка со МИОА, овозможија преку Националниот портал за електронски услуги, барањето да се реализира преку е-маил адреса или паметен телефон. Барањето се поднесува во лично име и за свое малолетно дете, а услугата е достапна на веб-сајтот www.uslugi.gov.mk, лични документи и исправи, државјанство. Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН), односно Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронски услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги, појасни министерот.
Тој информираше дека досегашниот начин на издавање на уверение за државјанство во хартиена форма, ќе продолжи да се издава на досегашниот начин – лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи, независно каде лицето има пријавено живеалиште.