
Поскапените цени во продавниците ги натера граѓаните да кратат од купувањето и на основните прехранбени производи. Маслото за јадење повторно се продава над 100 денари, за 2 до 5 денари се покачени цените на шеќерот и брашното. Се најавува и 10 процентно зголемување на цената на лебот. Од организацијата на потрошувачи велат дека е време на одреден период да се замрзне цената на лебот и да се размислува за субвенции на ранливите категории на граѓани.
„Граѓаните се тие коишто ја намалуваат свесно потрошувачката дури и на основните производи и се мислат што да купат зошто цените на производите се покачени од 3 до 5 проценти, а тоа влијае врз нивното секојдневие врз нивниот животен стандард. Треба да се види на кој начин цената на лебот да биде ограничена на одреден вид на лебот, ова не е вчера, ние сме барале вакво ограничување и сме постигнале“, рече Мирјана Лончар- Претседателка на Организација на потрошувачи.
И синдикалците го кренаа гласот. На Владата ѝ дадоа рок од 30 дена да ја зголеми минималната плата на 18 илјади денари или ќе излезат на протести. Ова го темелат на постојаниот раст на синдикалната кошничка која за месец октомври достигна 34.584 денари. Според нивните пресметки, тоа претставува раст од 200 денари за само еден месец:
Сојуз на синдикати:
Храна и пијалоци 14.779 денари
Режиски трошоци 10.879 денари
Хигена 2.390 денари
И во последните податоци на Државниот завод за статистика цените на мало во октомври споредено со истиот месец лани се зголемиле за 6,1 процент. Засега нема конкретни најави од страна на властите дали се размислува за можно замрзнување на цените на основните прехранбени производи или за воведување некакви мерки за сиромашните домаќинства.
Андреа Чобанова