
Жестоките реакции во јавноста за континуираниот раст на цената на горивата во земјава не ја премислија Владата да се откаже од дел од средствата кои ги инкасира од малопродажбата на бензините и дизел горивото. Од Владата за Алсат велат дека во јули лани донеле одлука за укинување на дополнителната акциза на дизел горивото со што граѓаните сега плаќале два денари пониска цена.
„Според законското решение дополнителната акциза од три денари кај бензините е предвидена доколку цената на светската берза е под 390 долари за тон, ако е помеѓу 390 и 590 долари за тон дополнителната акциза изнесува 2 денари и ако е над 590 долари за тон, тогаш дополнителната акциза е 0 денари, односно се укинува“, наведуваат од Владата.
Од Регулаторната комисија за енергетика се правдаат дека нема моќ да ѝ наложат на Владата да ги намали акцизите или стапката на ДДВ.
„Сите давачки се утврдени со законите за акциза или за ДДВ или Закон за заштита на животната средина и Владата ќе треба сама да се произнесе бидејќи тоа е нејзина надлежност“, рече Марко Бислимовски претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
За едни потреба, за други луксуз, граѓаните се чувствуваат немоќни кога станува збор цената на горивата. Но, за едно граѓаните се едногласни, а тоа е дека моменталната цена е превисока во однос на примањата.
„За мене ова е многу лошо, затоа што е многу скапо…“
„Мислам дека не е луксуз да се вози но горивата што се скапи се скапи…“
„Ниту една држава нема да се откаже од профитот, па нема ниту нашата, а до која мера може да олесни тоа не знам…“
„Тие би требало да се откажат ама оди убеди ги да се откажат. Тешко…“, реагираат граѓаните.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека неизвесноста во однос на цената на горивата ќе продолжи и во следните месеци.
Иле Петревски