Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија од денеска имаат слободен пристап до пазарот на труд во рамки на „Отворен Балкан”

Граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија од денеска можат да ја користат мерката Слободен пристап до пазарот на трудот во рамки на „Отворен Балкан”.
Мерката, како што соопшти владината прес-служба, произлегува од меѓународните договори потпишани меѓу трите државни членки на иницијативата Отворен Балкан и тоа Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, како и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
-Мерката има цел да придонесе кон отстранување на бариерите кои ја попречуваат трговијата и слободното движење на луѓето и да овозможи користење електронски услуги во рамките на самата иницијатива, се наведува во соопштението.
Заинтересираните граѓани за слободен пристап до пазарите на труд на Северна Македонија, Албанија и Србија најпрво треба да извадат Идентификациски број на Отворен Балкан на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за Одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави. Постапката се одвива целосно електронски и трае до 30 дена.
Откако заинтересираните граѓани ќе се најават на uslugi.gov.mk и ќе поднесат барање за издавање Идентификациски број за Отворен Балкан (OB ID), кое веднаш се генерира, следен чекор е со тој број да аплицираат за Сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија https://euprava.gov.rs/ или во Албанија https://e-albania.al/.
Постапката е целосно и детално опишана на следниве линкови:
1. https://uslugi.gov.mk/otvoren-balkan.nspx
2. https://av.gov.mk/otvoren-balkan-severna-makedonija-srbija-i-albanija-ns_article-izvestuvanje-za-otpocnuvanje-na-uslugata-sloboden-pristap-do-pazar-na-trud.nspx