Граѓаните со часови чекаа за да ги подигнат ваучерите за инвертери

Долги редици граѓани, чекање со часови, тензии и голема гужва пред спортската сала, Борис Трајковски во Скопје.
Стотици граѓани се собраа на едно место и чекаат да добијат ваучери за инвертер клими. Дел од граѓаните чекаа и по 3 часа. Тие се жалат дека не е во ред да се чека толку долго. Еден анкетираните граѓани од Алсат рече дека имало граѓани кои дури и се онесвестувале додека чекале ред.
„Ова не е во ред, гледате колкава гужва. Подобро би било да направеа во општини да се доделуваат инвертери, отколку овде. Еден се онесвести, дојде брзата помош и го однесоа. Погледнете ги сите тие луѓе кои чекаат, ова не е во ред. Овде сум три часа и се уште не сум дошол на ред“, реагираа граѓаните.
Мерката за доделување ваучери од 23-45 илјади денари ја одобри претходната Влада, но процесот на доделување го спроведува новоформираното Министерство за енергетика. Министерката Сања Божиновска, рече дека ваучерите можат да се подигнат до крајот на месецот за да се избгенат гузжвите. За поплаките за неправилното доделување ваучери, Божиновска ја префрли одговорноста на 5-члената комисија на Министерството за економија.
Станува збор за 6 182 ваучери, за кои се обезбедени 155 милиони денари. Процесот го започна Министерството за економија во февруари годинава. Министерката Божиновска оценува дека има доволно време за подигање на ваучерите до 30 ноември, но не ја исклучува можноста рокот да се продолжи доколку се укаже потреба.
Ајнур Бафќари