
Секоја втора пријава до Организацијата на потрошувачи се однесува за онлајн купување. Украдени податоци од трансакциски сметки, доставениот производ се разликува од нарачаниот – се само дел од пријавите стигнати до Организацијата. Но, за купувањето онлајн, граѓаните речиси и да не можат да си ги заштитат правата бидејќи станува за збор за нелегална продажба без регистрирани фирми.
Од организацијата апелираат до граѓаните при онлајн купување да се проверува дали фирмите се лиценцирани, и дали имаат фискални сметки за да може по пријавите соодветно да се постапува.
„Оваа година имаме околу 2000 поплаки, што е голем процент. Потрошувачите најмногу се жалат за купување на производ со недостаток, проблеми со гаранција што ги имаат со сервисерите. Просечно 50 проценти од поплаките на дневно ниво се однесуваат за онлајн продажбата, ама проблем е што е нелегална проджаба преку социјалните мрежи. Потрошувачите не можат да си ги заштитат правата бидејќи немаат фискална или други докази“, рече Мартина Грчаревска- Организација на потрошувачи.
Покрај купувањето онлајн, потрошувачите имаат право на пријава доколку производот не им е соодветно доставен или воопшто не им е доставен од страна на фирмите кои се занимаваат со поштенски услуги велат од Агенцијата за пошти.
„Она што им е на располагање на корисниците е правото на рекламација кое што првенствено треба да го искористат да се обратат до давателот на поштенските услуги во точно утврдените законски рокови. Препораката од агенцијата за пошти во пресрет на новогодишните празници секогаш да користат лиценцирани даватели на поштенски услуги кои можат да го најдат на регистерот на поштенски даватели“, рече Билјана Аврамоска – Директорка на Агенција за пошти.
Покрај измамите со кои се соочуваат граѓаните при купување онлајн од нерегистрирани фирми и бизнис секторот постојано апелира овој пазар да се контролира, бидејќи ја зголемува сивата економија и претставува нелојална конкуренција на бизнисите.
Андреа Чобанова