ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Граѓански совет: Кривична одговорност за увозот на отровниот отпад

Да се проверува горивото за греење во болниците, училиштата и сите институции кои се загреваат на гориво. Ова го бараат невладините организации откако беа објавени сознанија дека отпадно масло кое е штетно по здравјето и животот на населението, се увезело како да е мазут. Невладините предлагаат да се исчистат оџаците од институциите и да се провери дали се загревале со други отпадни масла. Невена Георгиевска од О2 коалиција бара ревизија за испитаните горива во лабораториите.

Advertisements

„Сѐ она што се декларирало при увоз и потоа при тестирање доколку има неусогласност треба да се направи ревизија на ова и да се види каде се пропустите. Исто така бараме и кривична одговорност за сите отстапувања на се она што ќе излезе од истрагата“, рече Невена Георгиевска, О2 Коалиција.

Според Граѓанскиот инспекциски совет, Владата треба да обезбеди функционирање на државните лаборатории за да се користат уредите за инспекциски надзори. Царинската управа, пазарниот и еколошкиот инспекторат треба да се вмрежат во електронскиот систем за поефикасна контрола. Невладините вината за пропустот со мазутот засега ја гледаат во Царината и во пазарниот инспекторат.

„Она за што се залагаме е во иднина, можноста за контрола уште при влез да може подиректно да се вклучи и Државниот инспекторат за животна средина, но во моментов Царината и пазарниот инспекторат се влезот на секоја супстанца, секоја пратка што влегува во земјата“, изјави Лилјана Поповска, Зелен институт.

Во меѓувреме Владата не открива детали околу институционалната истрага за мазутот.

„Работните состаноци и координации и институционалните дејствувања продолжуваат до крајот на истекот на рокот од 14 дена од добиеното задолжение за секое од нив“, рече Душко Арсовски, портпарол на Влада.

Идната недела треба да се знае дали и каде е откриен пропуст за спорниот мазут. Тоа го проверуваат Царинската управа, пазарниот и еколошкиот инспекторат.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button