Граѓански здруженија бараат Сиљановска Давкова да не го потпише указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање

Граѓански здруженија денеска од пред Собранието побараа претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпише указот за програсување на Законот за урбанистичко планирање, што беше изгласа завчера. Тие имаат забелешки за овој закон и бараат тој да се врати во редовна собраниска процедура и да се донесе со широка дебата со вклучување на сите засегнати чинители.
-Основна и прва забелешка е во однос на 600 ДУП-ови чиј што рок на носење е изминат поради новиот закон во кој што стои член во кој се вели дека ако не се завршени во рок од четири години, мора да продолжи постапката по новиот закон, односно земање на параметрите од новиот закон. Сега ги враќаме во живот, значи ќе одат како што се веќе проектирани по стариот закон, а тука немате реална состојба, попис и многу елементи кои веќе се изменети низ годините а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови. Вака нема да се вклучат, рече Татјана Стојановска од О2 Иницијатива.
Имаат забелешка и во однос на потврдата за урбанистичка усогласеност. – Таа случајно не е ставена. Една двојна контрола за тоа дали урбанистички е усогласен одреден објект, односно одреден Детален урбанистички план, посочи Стојановска.
Не се согласуваат и со новините за изградба на катни гаражи. – Со урбанистички проект каде што дозволувате да не помине на јавна анкета, да се слушне гласот на граѓаните, да не помине низ Совет, се овозможува да се градат катни гаражи без никаква анализа – како ќе им текне така да ги направат, што апсолутно не е во ред. Исто така, за катни гаражи за повеќе објекти. Тие форсираат дека тоа се однесува за сите јавни објекти. Јас повторно ќе кажам како вие планирате да правите болница некаде каде што не го знаете вкупниот број на жители, бидејќи таму немате внесено статистички податоци од пописот во урбанистичкиот план кој ќе биде во сила. Исто така, забелешка во однос на тоа дека министерот си ги повлекува ингеренциите за во рок од пет дена не го потпише односно го огласи за ништовен невалиден Детален урбанистички план и министерот рече дека ќе реагирам преку МВР. Зошто да реагира преку МВР? Моментално има алатка во рок од пет дена да потпише забрана за изведување на тој Детален урбанистички план, рече Стојановска.
Јане Димески од Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ нагласи дека очекувале нешто повеќе и подбро на почетокот на мандатот на една власт оти ќе прикаже некаков поинаков манир на владеење и управување, бидејќи, како што рече, ако ги повторуваме пак истите грешки од минатото не можеме да очекуваме резултати поразлични од ова што сега го живееме. Димески потенцира дека тие како здруженија бараат еднакви услови, почитување на законите и создавање на еднакви правила кои се базираат на стручност и експертиза кои ќе важат за сите и спроведуваат еднакво насекаде.