ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Граѓанско здружение пред Уставен го оспори Законот за здруженија

Граѓанско здружение пред Уставен го оспори Законот за здруженија

Здружението на граѓани „Македонско-бугарско пријателство“ пред Уставниот суд ги обжали измените во Законот за здруженија, кои беа иницирани по отворањето на клубовите „Иван Михајлов“ и „Цар Борис III“. Според пишувањата на бугарските медиуми, жалбата ќе се однесува на повреда на правото на здружување.

Advertisements

Според иницијаторите, овие измени имаат ретроактивно дејство и создаваат правна несигурност, што е во спротивност со уставното начело за владеење на правото и забраната за ретроактивно дејство на законите. Тие информираат дека со овој закон се ограничува правото на здружување на граѓаните, кое е загарантирано со Устав.

„По пошта пристигна иницијатива во која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации објавен во Службен весник на Република Северна Македонија на 8.11.2022 година. Ве известуваме дека предметот ќе биде распореден кај судија и советник на Уставниот суд“, велат од Уставен суд.

Инаку, измените стапија во сила на осми ноември. Со нив им се дава тримесечен рок на клубовите со спорни називи да ги сменат имињата, во спротивно ќе се започне постапка за нивно бришење од Централниот регистар. Оваа постапка ќе ја предводи Министерството за правда, од каде велат дека засега немаат информација дека клубовите во Охрид и Битола ги промениле називите, како што налага законот.

Измените беа усвоени во Собранието со поддршка и од власта и од опозицијата. Со нив се предвидува како име на здружение да не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари на лица кои по било кој основ во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

Министерот Бујар Османи побара Законот да се испрати до Венецијанската комисија на проверка, но тоа не се случи. Премиерот Димитар Ковачевски последно што кажа е дека се подготвува нов Закон за здруженија./Alsat.mk

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button