
За македонските државјани, границите на Грција остануваат затворени уште една седмица, со оглед на тоа дека грчката Влада ја продолжи до 26 април 2021 година министерска одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани за трети земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Во новата министерска одлука, промени има за државјани на одредени земји, како што се членките на ЕУ, Израел, Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и САД, за кои не важи задолжителниот карантин при пристигнувањето, а отворен е уште еден граничен премин, односно освен од Промахонас (Кулата), туристите и преку Нимфеас (Маказа), од Бугарија ќе можат да влезат во Грција, но под специјални правила, како што е негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација.
Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.
За граничниот премин Евозни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена, објави МИА.
За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а и за возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.
Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.