Грчки медиуми: Започнаа прелиминарните работи во Грција за изградбата на интерконекторот со Северна Македонија

„Патувањето“ на новиот гасовод Грција – Северна Македонија започна, со оглед на тоа дека „Терна“ ги стартуваше моторите, започнувајќи ги прелиминарните работи за грчкиот дел од проектот, пишува грчкиот енергетски портал „Енерџи маг“ во однос на интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Компанијата „Терна“ пред четири месеци беше избрана за изведувач на грчкиот дел на интерконекторот, при што го презеде деталниот проект, набавката на материјали и изградбата на гасоводот Неа Месимврија – Евзони/Гевгелија.
Грчкиот портал пишува дека за конкретниот проект што е во надлежност на Националниот оператор за пренос на гас на Грција ДЕСФА, буџетот е ревидиран на 92 милиони евра (од 67 милиони евра во претходната програма), а паралелно во тек е и тендерот за изградба на мерната станица, што е клучна за непречено функционирање на гасоводот.
Проектот, според грчките портали специјализирани за енергетски теми, се очекува да биде финализиран на пролет следната година, временски период поместен поради доцнењето од наша страна.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска пред две седмици, по учеството на енергетски Самит во Грција и по средбата со нејзиниот грчки колега Теодорос Скилакакас, во разговор за МИА, за интерконекторот објасни дека кај нас беше поништена постапката и беше покрената нова, а цената е за 12 милиони поевтина од минатиот пат.