Грковска со остра реакција за укинувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“, ја повика Апелација детално да ја образложи одлуката

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска изрази голема загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд со која ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ и го врати предметот на повторно постапување. Таа го повика второстепениот суд детално да ја образложи оваа одлука.
„Со голема доза на загриженост ја примив информацијата дека Апелацискиот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, во кој, преку злоупотреба на службена положба, масовно беа прислушувани илјадници наши граѓани“, напиша Грковска за својот официјален фејсбук-профил.
Во објавата, вицепремиерката истакнува дека уште позагрижувачки се информациите дека поради неажурното одлучување на судиите можно е застарување на делото кое, како што додава, значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права.
„Апелацискиот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука, за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот. Во повеќе наврати кажав и сакам да повторам дека независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност. Го повикувам Апелациониот суд во името на правдата и во името на одговорноста пред граѓаните да ги соопштат причините за оваа одлука“, вели вицепремиерката за политики за добро владеење, Грковска.