
Доминацијата на подваријантата на омикрон и укинатите мерки во ноќниот живот, според министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, се главните причини за зголемениот број нови случаи на ковид-19 во земјата.
Во интервју за грчката телевизија „Антена“, Плеврис објасни дека сепак, и покрај зголемувањето, не се забележува притисок врз здравствениот систем.
„Навистина, има пораст на случаите и се проценува дека тоа се заснова на два фактори. Прво, дека полека почнува да преовладува подмутацијата на омикрон, која побрзо се шири и второ дека веќе, како што знаете, укинати се речиси сите мерки поврзани со забавите“, рече министерот за здравство на Грција, пренесе МИА.
Според него важно е дали ова зголемување на новозаразените значи и зголемување на хоспитализациите, објаснувајќи дека континуирано се намалува бројот на пациенти приклучени на апарати.
„Сакам да бидам внимателен. Пандемијата не е завршена, но сигурно во однос на заболувањата има карактеристики што нè прават да бидеме пооптимисти“, рече Плеврис.
Доколку се анализираат официјалните податоци на Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите седум дена, во просек дневно имало по 21 000 новозаразени и по 50 смртни случаи од ковид-19.