Грција воведува задолжително носење маска во затворен простор, се зголемува бројот на позитивни на Ковид-19 во земјата


Алсат
29.07.2020 10:28
Во продавниците за малопродажба, во продавниците за храна како што се фурни, месарници, слаткарници и слично, во супермаркетите, во банките, во јавните служби што работат со странки, во фризерските и козметичките салони, во јавниот превоз и такси возилата, во лифтовите, во болниците, ординациите и дијагностичките центри во Грција, од денеска е задолжително носење маска како за граѓаните, така и за вработените, со одлука на грчката Влада, а по препорака на експертите, јави дописничката на МИА од Атина.
За прекршување на мерката предвидена е парична казна од 150 евра.
Во сите другите затворени простори, но и на отворено каде што има гужва и не може да се држи растојание, постои силна препорака да се користи маска.
Националната организација за јавно здравје на Грција вчера соопшти 52 нови случаи на Ковид -19, бројка поголема во споредба со изминатите денови, кога просекот на дневни позитивни случаи на коронавирусот беше околу 30 заразени лица.