Груби не почитува одлука за која гласаше пред една година

Владата и ДУИ не одговараат за злоупотребата на службените автомобили од страна на функционерите на партијата на Ахмети на средбата во Тетово. Вицепремиерката Славица Грковска изјави дека ќе бара одговорност од вицепремиерот Артан Груби, но не наведе детали какви мерки планира да преземе и дали побарала отчет од Груби. Употребата на службени автомобили за партиска и лична работа од страна на функционерите останува неизлечива болест кај нас, велат експертите. Катица Николовска од Антикорупциската комисија вели дека ваквото непринципиелно однесување покажува дека законите не важат за сите и затоа треба да има казни.
Експертот Магдалена Михајловска оценува дека однесувањето на министрите кои злоупотребуваат службени возила за партиски цели е слика за неодговорноста на функционерите.
Вицепремиерот Артан Груби на состанокот на ДУИ во саботата беше фатен од медиумите како излегува од службениот автомобил за да учествува на партиски состанок. Минатата година самите министри во Владата изгласаа прописи за некористење службени возила за приватни и партиски интереси кои сега самите тие не го почитуваат.
Мефаил Исмаили