Груби за Косово заминал со дипломатско возило непосредно пред полициската акција

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби непосредно пред полициската акција поврзана со проневера од над 8,2 милиони евра во Државната лотарија, заедно со стопанственик со дипломатско возило вчера ја напуштил земјава и заминал во Косово.
Бизнисменот кој со своето возило и дипломатските таблички го превезол Груби до Косово непосредно пред почетокот на полициската акција, како што дознава Телма од извори на истрагата, е Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на Нептун.
Премиерот Христијан Мицкоски, синоќа, во телевизиско интервју, откри дека Груби со дипломатско возило со еден стопанственик заминал за Косово.
-Моите информации се дека поранешниот директор на Државна Лотарија подолго време не е во земјата. Додека, поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија и се упатил кон нашиот северен сосед Косово, рече Мицкоски.
Во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, како што информираше вчера Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, осомниечни се повеќе лица, меѓу кои поранешен премиер и прв вицепремиер, поранешен генерален секретар и државни службеници.