ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Халили: Од уставните измени поголеми проблеми се владеењето на правото и корупцијата

Македонија ќе ги отвори преговарачките поглавја со Брисел веднаш штом ги усвои уставните измени. Овој заклучок на Европскиот Совет предизвика меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата. Првите велат дека вината е кај опозиционерите зашто не даваат поддршка за промената на Уставот, додека според другите власта пред да го прифати францускиот предлог требала да мисли на широк консензус. Според првиот човек на Советот на амбасадори, Мухамед Халили, порано или подоцна ќе се изнајде решение за овој услов, но она што е уште поважно, според него, се останатите заклучоци на Европскиот Совет, кои се однесуваат на темата за владеењето на правото.

Advertisements

„Уставните измени се услов без кој не се може, но проблемите не лежат исклучиво во уставните измени. Поголемите проблеми за нашата земја лежат токму во другите констатации, кои веќе со децении се присутни во државата, а тоа е владеење на правото, борбата против корупцијата…“, вели Халили.

Халили смета дека и власта и опозицијата имаат вина за неспроведувањето на неопходните реформи. Токму владеењето на правото, додава амбасадорот, ќе биде најголемиот предизвик во преговорите за членство на земјава. Тој повика Европската Унија повеќе да се ангажира во оваа насока и да го следи примерот на Вашингтон, со т.н. црна листа и санкциите кои произлегуваат од неа.

„Не е толку катастрофално ако на некој политичар му забрануваш да не оди во САД, зашто ние сме секојдневно поврзани со работата во Европската Унија и затоа придонес во тој аспект треба, со конкретни чекори, да дава и Европската Унија. Веќе имињата се знаат, имињата се објавуваат, а резултатите се никакви“, додава Халили.

Во последните заклучоци на Советот, се истакнува дека Македонија мора да испорача во делот на независноста, професионалноста и непристрасноста на правосудството, во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и реформи во јавната администрација.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button