Хорор услови во затворот Идризово и Психијатриската болница

Тимовите на Советот на Европа се очекува да дојдат наесен за внимателно да ја разгледаат состојбата во затворите и психијатриските болници низ земјата, во кои Народниот правобранител констатира флагрантни прекршувања на човековите права. Екипите на Советот на Европа за превенција од тортура доаѓаат по извештајот на Омбудсман во кој е констатирана лошата состојба во затворите, нехуманиот третман на осудените и изразениот недостаток на вработени во овие институции.
„Наодите на оваа комисија се услов што е потврден во извештајот за напредокот на земјата во Европската Унија. Работите се поврзани и државата не може да оди напред без да се направи нешто во оваа насока“, рече Насер Зибери- народен правобранител.
За лошата состојба во затворите и психијатриските болници говори и фактот што во Идризово повеќе од 30 затвореници во една ќелија користат ист тоалет, двајца затвореници го делат истиот кревет, а ходниците на затворите се преполни со душеци кои служат како импровизирани соби. Во психијатриските болници се пронајдени појаси, кабли и катанци со кои постои сомневање дека биле врзувани пациентите.
„При увидот е констатирано дека во една од собите со површина од околу 14 м/2 се сместени 15 осуденици, од кои 6 спиеле на душеци и на под додека останатите спиеле на кревети на четири ката. Екипата за медицинска помош секојдневно повикува брза помош, дури и неколку пати на ден, за да им пружи медицинска помош на овие лица. Секако, ваквата состојба на овие луѓе е резултат и на условите за сместување. Тоа покажува дека лекарскиот тим не е редовно присутен во оваа установа и на овој начин им се загрозува здравјето“, додава Зибери.
Во однос на пренатрупаноста на затворите, Народниот правобранител рече дека амнестијата не е единствениот начин за решавање на проблемот, туку дека земјата ќе треба да примени други алтернативни мерки како што се употребата на алки кои осудениот ќе ги носи постојано, изрекување алтернативни мерки за издржување на казната, натамошен прекин на издржувањето на казната за кривични дела со помали казни или други методи кои се практикуваат подолго време во развиените земји.
Вјолца Алити