ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кампањи за јавен интерес во медиумите

Град Скопје има потреба од дополнителен медиумски простор. Затоа за 130 илјади евра преку маркетинг агенција ќе се рекламира – на билборди, паноа, светлечки табли, автобуси, автобуски постојки. Освен овој класичен начин за промоција, достигнувањата на градската администрација на Скопје предводена од градоначалникот Петре Шилегов ќе биде видлива и на фејсбук и гугл. Градот трошењето илјадници евра за промоција го правда поради тоа што медиумите не нуделе толку простор, колку што тие имале информации да соопштат. Маркетинг агенцијата во име на градот треба да закупи рекламен простор и на информативните и забавните интернет портали.

Не се работи за класичен закуп на медиумски простор заради промотивни цели, туку за простор за пласирање на различни сервисни информации и кампањи за подигнување на свеста на граѓаните за различните комунални предизвици – велат од Град Скопје.

Прашавме во Владата, како гледаат на одлуката град Скопје да ангажира маркетинг агенција за да се рекламира? Велат – нема ништо спорно. Законот за аудио визуелни услуги – конкретно членот 102 не им забранувал на институциите да набават надворешни услуги за промоција. Од „Илинденска“ наведуваат дека дури и Владата треба да може да организира слични кампањи.

Неопходно е да се дефинираат механизми, а тоа значи и соодветна измена на член 102, за да се овозможи институциите да можат да реализираат јавни комуникации (кампањи) од исклучителен јавен интерес и преку радиодифузерите, на теми кои се од витално значење за граѓаните и државата, како што е на пример вакцинацијата, антикорупцијата, справувањето со дезинформациите и слично – известуваат од Владата.

Град Скопје договорот со маркетинг агенцијата го склучил на 11 – ти месецов, а ќе трае 13 месеци. Тоа значи дека ќе го опфаќа и периодот за локалните избори на есен. Според договорот, објавен на Бирото за јавни набавки, понудата на оваа агенцијата била единствена.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button