Пореална слика за состојбата со Ковид-19 во земјава инфектологот Фадил Цана очекува за околу две недели

Вакцините против корона вирусот се единствена надеж за крај на пандемијата, која во 2020 година предизвика смрт на илјадници луѓе во Македонија, додека уште десетици илјади други се заразија. Последниве денови, статистичките податоци на здравствените власти покажуваат намалување на бројот на заразени и на жртви, додека има зголемување на бројот на излекувани.
Според инфектологот Фадил Цана, ваквите бројки се поврзани најмногу со празниците, бидејќи во овој период бројот на тестови е значително намален. Според Цана, пореална слика за тоа како ќе продолжи ситуацијата со ковид 19 ќе имаме по празниците.
„Процентот на позитивни случаи има едно плато, немаме големо подобрување што може да влева надеж дека овие бројки ќе продолжат да бидат и во наредните месеци. По празниците, некаде за две недели, веројатно ќе имаме пореална ориентација за реалниот број на заразени и ќе можеме да дадеме проценка во која насока ќе оди инфекцијата. Вакцинацијата во 2021 година е најголемата надеж и најголемото достигнување на научниот свет во 2020 година против оваа пандемија. Меѓународните власти кои ги одобрија вакцините, кои веќе се користат, влеваат надеж дека оваа година постепено можеме да го видиме крајот на пандемијата“, вели Цана.
По загриженоста на глобално ниво за брзото ширење на новиот вирус, инфектологот Цана вели дека новата варијанта на вирусот може да предизвика повеќе инфекции, но не е повеќе смртоносна. Сепак, тој апелираше за постојана претпазливост.
„Инфективноста може да биде повисока , но нема никаква врска со тоа која варијација на вирусот е посмртоносна. Значи, според научните податоци што се ажурираат секој ден за оваа варијанта, неопходна е грижа заради ширењето кое е нормално, што сепак е претпоставка, побрзото ширење на овој вирус, но нема никаква врска со смртноста од овој вирус“, додава Цана.
Македонија ја затвори 2020 година со околу 19.300 активни случаи на ковид 19 и 2.510 жртви. Од 26 февруари минатата година, кога официјално беше регистриран првиот случај на ковид 19 во Дебар, до 31 декември, здравствените власти дијагностицираа 83.743 заразени лица. Во Институтот за јавно здравје и во други центри за тестирање, вклучително и приватните, биле тестирани околу 22 проценти од населението, односно над 402 илјади луѓе.
Мелихате Рустеми