Викендов се очекува Централно собрание на Алтернатива

Новинар: Адриан Керими
Викендов се очекува да се одржи Централното собрание на Алтернатива на кое ќе се дознаат предлог-имињата за носители на функциите на оваа партија во Владата.
Две недели по постигнувањето договор меѓу Гаши и Заев, за кој беше кажано дека се склучува за земјава да го добие датумот за преговори со ЕУ, во емисија едно од имињата што се шпекулира за функцијата министер за информатичко општество Адмирим Халити рече дека приоритет на Алтернатива не е ЕУ, туку излезот од политичката, економската и енергетската криза. Според него, Заев на разговорите гарантирал дека блокадата со Бугарија се очекува да биде надмината во јануари.
„Не можам да кажам дека тоа беше прво. Ние сме оптимисти, но не можеме да бидеме наивни и да кажеме – еве – ова е датумот кога го чекаме отворање на преговорите со ЕУ. Она што го разговаравме со актуелниот премиер е дека очекувањата на земјата се оти во текот на јануари ќе се реши пречката со Бугарија и со тоа автоматски ќе чекаме да се добие датумот од Европската унија“, изјави Адмирим Халити, Алтернатива
Освен Халити, уште едно име кое кружи во партиските органи, секретарот Беким Сали како нов министер за здравство. Сали беше во друштво на Африм Гаши при преговорите со Заев.
Поделбата на ресорите неофицијално предизвикало незадоволство кај таборите и партиските ограноци на Алтернатива. Револт бил искажан и на редовните состаноци на претседателството. Неофицијално, дел од ограноците не се согласуваат со начинот на поделба на ресорите, па не ја исклучуваат можноста да не го поддржат гласањето на Владата сè додека партискиот лидер Гаши не мисли за сите пропорционално. Најмногу незадоволство има во ограноците во Скопје, Куманово и Тетово./Алсат.мк