ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И активистите и властите бараат суштинско решавање на проблемот со бездомни кучиња во Куманово

И активистите и властите бараат суштинско решавање на проблемот со бездомни кучиња во Куманово

уштинско решавање на проблемот со бездомни кучиња во Куманово бараат активистите од градот. Куманово е една од ретките општини која со децении спроведува тендер за заловување, но се чини дека проблемот сè повеќе се усложнува и не се решава длабински. Зголемен е бројот на луѓе кои чуваат миленичиња по неколку месеци и потоа ги исфрлаат на улица.

Advertisements

И надлежните и активистите се согласуваат дека без разлика колку и да се заловуваат, потребна е промена на свеста и кај одгледувачите и кај граѓаните. Граѓаните реагираат дека е зголемен број на кучиња. Стравуваат да ги пуштат децата на улица од неколку глутници, кои според дел од граѓаните, напаѓаат.

– Како активисти се залагаме да се намали бројот на кучиња скитници, бидејќи тоа е проблем, како за граѓаните кои се плашат, како и за нас активистите кои не сакаме бездомни кучиња. Нашата примарна цел е да ги тргнеме и да ги згрижиме. Стерилизацијата е е главна во оваа насока. Често од сопствени пари ги стерилизираме женките, ги чуваме во приватни пансиони, вели активистката Магдалена Алексовска.

Според неа, проблемот е во неодговорноста ниту морална, па ни законска. Некои граѓани земаат куче, го чуваат неколку месеци и го фрлаат на улица. Активистите сметаат дека е важно да има проверка на кучињата, дали се чипирани.

Конкретно за Куманово, активистите бараат поголемо прифатилиште, покрај постоечкото во Четирце. Годишно преку општината се стерилизираат 140 кучиња, неколкуте активисти и самите стерилизираат, околу 50-тина кучиња, но сепак недоволно за град од 100.000 жители.

И активистката Ивана Штериова Каранику, се сомнева дека некои кучиња од други места и тие добиваат информација дека од комби возила се исфрлаат кучиња во приградските населби и околните села од Кумановско.

-Имаме таков проблем веќе долгогодишен. Прво е важно да се подигне свеста кај граѓаните, како се чува миленик, како се постапува со него и со оние несреќните кои се на улица. Имаше кампања за пријавување на кучињата под сомнение дека имаат беснило, а во државава со децении нема беснило кај кучиња. Тие средства можат да се пренаменат за кампања меѓу населението, да се чипираат кучињата, да постапуваат одговорно. Второ бараме неодговорните сопственици кои не ги стерилизираат милениците да плаќаат повисок данок на ниво како одгледувачница, вели Штериова Каранику.

Државата не може да го контролира размножувањето, тоа се случува интерно со договор меѓу сопствениците, дел се продаваат, дел се оставаат на улица. Затоа, активистите бараат повисок данок кој ќе биде повисок во однос на средствата издвоени за стерилизација.

-Ретки се оние кои ги стерилизираат кучињата, на овој начин ќе се поттикне неконтролираното размножување. Во еден период и општината и приватна ветеринарна станица имаа буџет за бесплатна стерилизација, има опции, но луѓето немаат доволно свест, велат двете активистки.

Во Куманово недостасува прифатилиште кое ќе биде поблизу до градот, каде оние кои сакаат можат да си вдомат чипиран, вакциниран и стерилизиран миленик. Битно е да се вклучат децата кои организирано преку училиштата би ги посетувале прифатилиштата и би се дружеле со кучињата, да развијат емпатија кон животните. За овие настани, недели на вдомување и слични активности не се потребни многу средства, туку волја и добра организација.

Со активистите се сложуваат и општинските власти. Раководителот на секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски смета дека заловувањето е само крајна активност која повеќе ги иритира граѓаните отколку што го решава суштинскиот проблем. Пред извесен период заврши тендерот за заловување на кучиња скитници, кој општината го склучи со А.Д. Ветеринарно сточарски центар „Тодор Велков“ Куманово. Од инспекциската служба информираат дека побарале да се направи анекс на договор, да се обезбедат дополнителни средства до крајот на годината.

-Оваа година на располагање имавме милион, 270 илјади денари што очигледно не се доволни за намената. Затоа побаравме значително да се зголемат средствата за оваа намена и да изнесуваат три милиони. Би сакал да потенцирам дека проблематиката со бездомни кучиња се третира во закон за заштита и благосостојба на животни. Во член 7 се вели дека надзор над спроведување на уредбите од овој закон ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство. Во глава 4 се опишуваат домашни миленичиња. Тука точно пишува дека секој оној кој поседува домашно милениче мора да го пријави во најблиска ветеринарна станица. Оној што има одгледувачница да го пријави. Оние кои размножуваат мораат да ги пријават во ветеринарна станица да се евидентираат и да се врз нив врши здравствен третман од ветеринарните служби. Ние за жал, го немаме тој број на бездомни кучиња, од каде доаѓаат, токму поради тоа што не постои овој систем кој сега го објаснував доколку има контрола, тогаш многу полесно ќе ни биде на нас како општина да заловуваме бездомни кучиња, бидејќи процесот на заловување бездомни кучиња значи единствено контролирање на овој број, вели Бојковски

Според анализите во градот би требало да има од 20 до 30 бездомни животни. Лани биле заловени 165, а годинава 136 кучиња.

-Ние имаме информации кои пристигаат од страна на граѓаните дека со кучиња, миленичиња се врши и бизнис се извезуваат по странство. Можеби напливот на овие е затоа што како што некои информираат дека е запрен тој извоз во странство и затоа имаме и зголемен број на бездомници. Досега овие две години како што знам, имаше извоз на такви кучиња, тоа го потврдуваат и нашите служби кои ги имаат видено тие камиони што извезуваат кучиња можеби тоа беше и причина што немаше во толкав број, додава Бојковски.

Вкупно 136 бездомни кучиња заловени се годинава, извршена е нивна социјализација во прифатилиштето на ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“, по што дел од нив се вдомени, а останатите се вратени на територијата на општина Куманово, информираат надлежните. Кај сите кучиња извршена е кастрација со што стануваат уште помирни и побезопасни животни, посочува генералниот директор на ВСЦ „Тодор Велков“, Зоран Пешевски.

-Третманот во просек зависно од времето на престојот на самото животно во прифатилиште чини од 10.000 до 12.000 денари, заедно со заловување, со кастрација, со стерилизација. Тоа се цените уште пред налетот на бранот на поскапувањето. Ќе се трудиме во наш интерес, во интерес на општината и на граѓаните да не ја зголемуваме цената со можност што повеќе кучиња да згрижиме, изјави Пешевски.

Според надлежните од ветеринарно-сточарскиот центар, за проблемот со бездомните кучиња потребно е системско решение и строга контрола од државните инспекциски органи.

-Имаме предлози во комората за системско решавање на прашањето. Строга контрола на популација, тоа значи секое вдомено куче мора да биде чипирано, мора да биде вакцинирано и обележано, не смее во двор или каде било во стан да се чува. Тука треба инспекциските државни органи да направат строга контрола. Потоа треба зголемување на совеста на самите граѓани, има случаи каде што граѓаните на барање на децата земаат куче на чување и после извесен период го пуштаат на улица. Најголемиот проблем не го прават кучињата туку неодговорните сопстевнивции на кучиња и трета работа е дека треба да се направи масовна кастрација. Ние оваа година бевме во преговори со тимот на општината за решавање, без разлика што тоа не може да се реши веднаш, меѓутоа да направиме една популарна мерка во наредната година да извршиме масовна стерилизација на бездомни кучиња, вели Пешевски.

Ветеринарите посочуваат дека кучињата кои го поминале тестот на социјализација 99 проценти од нив се неагресивни и не касаат. Но, проблемот, според надлежните е што околу 40 проценти од кучињата и во градот и во селата не се обележани. Тука е и насилството кое го трпат. Чудни се и појавите на сè позачестените пријави од каснувања на кучиња скитници, велат ветеринарите. Според нив, невозможно е куче кое живее на прометно место како што е зелен пазар или градски улици одеднаш да нападне возрасен човек.

-Се прават малверзации, има луѓе кои се каснати од кучиња од познати сопственици, а товарот го префрлаат на општината, односно на бездомните кучиња. Мислам дека во година дена има две-три каснувања од кучиња со маркици. Меѓутоа ова што се случува со поплаките за каснувања од кучиња, тоа е масовно, вели Пешевски.

Во Куманово последниве три години 2022, 2021 и 2020 тужби до општината, тужби поднеле 53 граѓани, од нив се завршени се 17, останатите се во второстепена, жалбена постапка. Една тужба, просечно, општината ја чини околу 70.000 денари.

Строги контроли и за одгледувалишта бараат ветеринарите.

-И се знае, секое размножување дали во одгледувалиштата и секое регистрирање во приватниот сектор мора да биде маркирано, обележано. Тука настанува најголемиот проблем на бездомните кучиња или постои некој мал дел на кучиња кои ги донесуваат од селата и ги пуштаат тука, меѓутоа тоа е мал. Оваа мерка мора да биде системска со што би го искорениле бројот на бездомните кучиња, вели Пешевски.

Активистите и ветеринарите нагласуваат дека во градот недостигаат настани како недела на вдомување на кучиња, организирани посети на учениците, едукација за хуман третман кон овие животни.

Агенцијата за храна и ветеринарство вели дека обврска на општините е да воспостават соодветен систем за контрола на популацијата на кучиња, да работат плански врз основа на претходно подготвени програми кои ги одобрува Агенцијата. Контролата на популацијата на кучиња треба да се спроведува од страна на прифатилишта кои исто така мора да се одобрени од АХВ.

– Не е задолжително секоја општина да има свое прифатилиште, туку повеќе општини заедно можат да воспостават регионални прифатилишта. Со прифатилиштата треба да раководи и работи стручен и обучен персонал. Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема изречено казна на општините за невоспоставување на систем за контрола на бездомни животни, велат од АХВ.

Оттаму информираат дека во интерес на поддршка на општините за решавање на овој проблем, како одговорна институција, АХВ согласно можностите, надлежноста и овластувањата, ќе им излезе во пресрет и ќе им помогне на локалните самоуправи кои досега немаат воспоставено систем на прифатилишта за бездомни животни во нивно воспоставување. Од Агенцијата нагласуваат дека допрва во процедура на донесување се измените на Законот за благосостојба за одгледувалиштата и ќе се уредува оваа материја./mia/

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button