И без Закон за потекло на имот може да се открие незаконски стекнат имот, вели Тупанчески

Министерот за правда Никола Тупанчески вели дека очекува во најскоро време да биде доставена нацрт-верзијата на предлог-законот за потекло на имот, но тврди дека и без него може да се открие незаконски стекнатиот имот на функционерите.
„Пред некој ден имав средба со претседателката на Антикорупциската комисија. Меѓу другите работи што се работат е и законот за утврдување на потекло на имотот и би требало првата драфт-верзија да биде готова. Очекувам во најскоро време да бидеме и ние како Министерство за правда, не само запознаени туку да дадеме и свој придонес. Меѓутоа, да не заборавам, тврдам дека освен тој закон односно пред да биде донесен, во моментов постојат инструменти и механизам за докажување и откривање на состојбата на незаконски стекнатиот имот“, вели Тупанчески.
Тој вели дека тоа што се доцни со донесување на ваков закон не е до Министерството односно дека тие ја очекуваат работната група да ја даде првата нацрт-верзија.