И денеска продолжи кавгата меѓу Мицкоски и Груевски

По вчерашната кавга, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска е повоздржан во коментарите за поранешниот премиер Никола Груевски. Тој смета дека договори меѓу Груевски и власта постојат и оти граѓаните треба да знаат како да направат разлика. Мицкоски вели дека единството на неговата партија може да се докаже на предвремени избори.
Груевски пак, не отстапува. Го повика членството на партијата да размислува со своја глава, а не по наредба на Мицкоски.
„На членовите на партијата, активистите и сите во раководството им порачувам да не наседнуваат на вакви погубни стратегии, да размислуваат со своја глава, да бараат цврсти докази кога ги тераат некого да осудат на невидено, за да не се еден ден во ситуација да се извинуваат и да се правдаат дека биле прелажани дека слепо некому верувале дека сега им е криво, не ги знаеле добро работите или слично.Ова очигледно е голема игра во која сакаат да ве повлечат сите. Да не речете потоа: па што не ни кажа?“, вели Груевски.
СДСМ бара од Мицкоски да не ја меша нивната партија во внатрешните работи на ВМРО и да не го обвинува за раскол.
Мицкоски, како и албанската опозиција, смета дека постои таен договор меѓу власта и Груевски за тој да го искористи неговото влијание, да ја подели парламентарната група на ВМРО и да обезбеди мнозинство од 80 гласа за уставни амандмани. Како благодарност, тој преку измените во Кривичниот законик би добил амнестија за кривичните дела за кои е гонет или е веќе осуден.
Фатлуме Дервиши