И денеска судир на власта и опозицијата, кој го штити сопственикот на „Пуцко петрол“

Судири меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за набавката на мазут за термоелектраната Неготино, со што е оштетен државниот буџет за 167,5 милиони евра. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека судии блиски до СДСМ и ДУИ штитат криминалци и, според нив, наместо ефективен притвор, еден од осомничените Асмир Јахоски завршил во домашен притвор.
Од СДСМ одговорија на обвинувањата, истакнувајќи дека за само 9 месеци власт, ВМРО-ДПМНЕ склучила 170 тендери со „Пуцко петрол“ на Асмир Јахоски.
СДСМ:
„Пуцко Петрол е компанијата која растеше за време на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и е главен бизнис партнер на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, но и на институциите што ги водат. Само во последните 9 месеци општините и институциите предводени од ДПМНЕ склучиле 170 тендери со компанијата „Пуцко Петрол“. За ова ДПМНЕ мора да одговара. СДСМ дава поддршка за истрагата и очекуваме целосно расчистување на случајот“.
Судот и Обвинителството дадоа различни толкувања за тоа кој го пушти во домашен притвор Асмир Јахоски, додека останатите 3-ца осомничени Ратко Капушевски, Ерџан Сулкоски и Ардијан Муча завршија во притвор. За Јахоски судот не го оценувал степенот на криминал во случајот, туку неговите приватни околности. Образложението на скопскиот Кривичен суд беше дека Јахоски е старател на неговите четири деца, од кои три малолетни, имал силни врски со државата и е сопственик на фирма со многу вработени, но и дека неговата здравствена состојба се влошува, за што доставил документација. Во јавноста имаше силни реакции за одлуката.
Суад Бајрами