ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И ДУИ си има „ВМРО-МВРО“, министерството на Артан Груби, партиски пашалак

Антикорупционерите утврдија злоупотреба на државни ресурси по пишувањата на Алсат дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети ги користи просториите на министерството предводено од Артан Груби за партиски состаноци. Последно, Ахмети во средата беше домаќин на грчката амбасадорка Софија Филипиду во кабинетот на Груби, а за состанокот извести партијата преку соопштение.

Advertisements

„Сепак, официјалните простории, службените простории на институциите не треба да се користат за одржување на партиски состаноци“, рече Катица Николовска – член на ДКСК.

Од Антикорупциската комисија велат дека тие нема да бидат иницијаторите за покренување мерка против првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нареднава недела за тоа ќе ја известат вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, бидејќи таа е надлежна за прекршувањето на Етичкиот кодекс на избрани и именувани лица и очекуваат да постапи по нивниот предлог.

„Како начин на злоупотреба ние тоа го констатиравме по вашите дописи и дојави, но сепак ќе оставиме на кабинетот на заменик-премиерот задолжен за добро владеење да го реши тој проблем. Сепак, нивни се надлежностите и ќе доставиме соодветно известување“, рече Катица Николовска – член на ДКСК.

Инаку, веќе подолг период Министерството за политички систем се претвори во скопска филијала на ДУИ. Во моментот кога Ахмети ќе реши партиски средби да одржува во Скопје, а не во Мала Речица, тогаш за локација за состаноците се бира државниот кабинет на Груби. Во истиот ентериер, во присуство на монографија за Пикасо, фотографија од Мајка Тереза, статуетка од Скендербег, средби остваруваат и првиот вицепремиер Артан Груби, но и партискиот лидер Ахмети, кој инаку е само пратеник.

Фејсбук профилот на Ахмети изобилува со фотографии од средби во оваа канцеларија, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, евроамбасадорот Дејвид Гир, поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, па дури и со пејачот Илир Шаќири. Од ДУИ нема одговор на прашањата на Алсат зошто кабинетот во Министерството за политички систем се користи за партиски цели. Ниту од Министерството не одговараат зошто нивните простории се отстапуваат за партиски средби, иако станува збор за државна институција.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button