И ова го има кај нас – реновираат училиште сосе децата внатре
И ова го има кај нас - реновираат училиште сосе децата внатре

Расклопена и свртена врата и бела хартија на која пишува „Внимание! Изведување градежни работи“, се единствените знаци кои ги предупредуват учениците и наставниците дека започнала реконструкцијата на основното училиште во село Житоше, општина Долнени.
Паралелно со градежните работи се одвива и наставата со што потенцијално се загрозуваат животите на учениците. Тие минуваат покрај урнатини, учат среде прашина, студ, неподнослив мирис и силна бучава. Во моментот кога машините копат под училниците, наставниците речиси воопшто не се слушаат.
„Многу врева, кога бевме на час, многу врева. Ни пречи во учењето. Има многу лоша миризба, многу прашина“, рече еден ученик.
„Што ви пречи додека учите? Прашината. Дали има многу прашина? Да, се прави многу прашина. Не се симнуваме долу кога има многу прашина“, додаде друг ученик.
„Многу е лошо, училиштето е валкано. Што најмногу забележувате на клупата и столчето? Прашина. Не е добро, ни се валкаат алиштата. Сами ја чистите клупата? Да, земаме хартија и ја бришеме. А, бучавата? Ни пречи“, рече една ученичка.
„Претходно кога државме час тие работеа долу, но ние тука не можевме да држиме часови. На учителката ѝ кажавме дека кога доаѓаме наутро тука е многу студено, одиме долу да се стоплиме“, нагласи една ученичка.
Работите за реконструкција на основното училиште „Лириа“ во село Житоше во општина Долнени започнаа на 24 јануари, само два дена откако започна второто полугодие. Директорот на училиштето Бесник Јусуфи не сметаше дека е соодветно да се врати во училиштето и да разговара со нас за да објасни зошто работите биле оставени за токму кога учениците почнаа да учат и дали побарал часоовите да се одвиваат онлајн додека траат работите во училиштето.
Учениците немаат против онлајн настава и покрај тоа што учењето на тој начин го нема потребниот квалитет.
„Наставата продолжува нормално, освен што има многу прашина. Ни пречи, лошо е по здравјето. Подобро онлајн отколку вака, има многу прашина, ни пречи, имаме проблем со дишењето“, рече една ученичка.
Неколку часа откако си заминавме од училиштето, директорот телефонски ни се јави и ни кажа дека на 1 февруари поднел барање за одржување на онлајн настава до Министерството за образование. Но, сè уште не добил одговор. Ниту ние не добивме одговор од министерството. Од училиштето пак, не ни одговорија на прашањето зошто прифатиле реконструкција на училиштето во присуство на учениците, доведувајќи ги така во опасност нивните здравје и животи./Алсат.мк
Мелихате Рустеми