И покрај предупредувањата од УНЕСКО, нов хотел ќе никне на охридското крајбрежје

Во време кога сериозно е загрозен статусот на Охридскиот регион, под заштита на УНЕСКО, нa само 50 метри од брегот на езерото, во Охрид, ќе никне нов хотел на три ката со приземје и поткровје, на површина од 4525 метри квадратни. Објектот ќе се гради на локацијата, каде сега се наоѓа, некогашните ресторан и дискотека „Парк“.
„На страната на катастарот на Македонија, тоа е дел од имотниот лист, каде стои А2 .1, станбени објекти. Овој објект, може да се реновира, реставрира но во обемот и висината со кој што е. Не да се доградува и надградува. Евентуална негова пренамена или рушење, ќе се коси со планот за управување со Охридското езеро и со тоа би паднале во вода сите наводни заложби на институциите дека работат во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО“, рече Владимир Трајаноски-„Охрид СОС“.
Охридскиот градоначалник не гледа негова вина во изградбата на новиот објект.
„Тој потег е во трета де зона. Во трета де зона е дозволено градба на објекти Плус три и 40% искористеност на просторот. Од правен и документациски аспект нема ништо спорно. Можно е да се одрази, но нема основ како ние тоа да го спречиме. Ова е резултат на нефункционирањето на државата пред носењето на планот за управување, а тоа е во време на управување на ВМРО ДПМНЕ“, рече Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.
Правосилно одобрение за градба било издадено во 2018 година, пред носењето на планот за управување со Охридскиот регион во февруари 2020 година. Инаку една од главните забелешки на УНЕСКО, поради која регионот може наскоро да се најде на црната листа на загрозени подрачја, е масовната и неконтролирана урбанизација.
Мики Трајковски