И покрај забраната за собирање, во полошкиот регион сѐ повеќе се организираат забави и свадби

И покрај забраната за собирање, во полошкиот регион се повеќе се организираат забави и свадби во ресторани и дома. Полицијата соопшти дека интервенирале во десетици вакви случаи од стапувањето на сила на мерките за заштита против Ковид 19.
„Сведоци сте дека во последно време имаше неколку случаи кога интервениравме во угостителски објекти и до Основното јавно обвинителство во Тетово и Гостивар од јануари до сега се поднесени шест случаи кои биле констатирани во текот на 2020 година и шест кои беа констатирани во текот на оваа година“, рече Фатмир Реџепи, портпарол на СВР – Тетово.
Реагираа и од Здружението на угостители од каде се жалат дека организирањето на свадби на незаконски начин е пречка за добивање протокол за свадби од страна на Владата.
„Од кога започна пандемијата тука во Тетово, редовно се одржуваат нелегални свадби. Зборувам во локали, не само во домовите и тоа несомнено дека ни наштети. Ова не е ниту нормално ниту морално и сега ова ни се враќа како бумеранг на нас останатите со тоа што не ни даваат протоколи за работа. Секој ден го бараме тоа. бараме и средба со владата“, рече Ќендрим Зендели Сопственик на ресторан за свадби
И дел од пејачите ги осудуваат незаконските организирања на свадби. Но, тие исто така ја обвинуваат и владата за неуспех во справувањето со пандемијата.
„Мислам дека треба да почекаме дозвола од надлежните тела кои се занимаваат со оваа работа, но мислам дека и Владата не успеа да се справи со ситуацијата затоа што не е фер кон сите. Ако пандемијата се однесува на нас, тогаш пандемијата треба да важи и за собирањата пред банки, собири во ресторани, во казина“, вели Бајрамали Идризи, пејач.
Сопствениците на ресторани за свадби веќе два месеци бараат од владата протоколи за работа.
Башким Суејмани